Новак Ѓоковиќ го победи Карлос Алкараз во неверојатен пресврт во финалето на Синсинати со резултат 5-7, 7-6 (7), 7-6 (4). По мечот, Ѓоковиќ во еуфоријата ја искина маицата, а потоа го тешеше Алкараз кој плачеше и емотивно го поднесе поразот.
„Лудо, не знам што друго да кажам. Тешко е да се опише. Еден од најтешките натпревари во мојот живот. Не е важно кој турнир, категорија, ниво, играч. Неверојатно, од почеток до крај. И двајцата поминавме низ толку многу подеми и падови. Сè на сè, еден од најтешките и највозбудливите натпревари. Поради вакви натпревари и вакви моменти, продолжувам да играм и работам секој ден. Имам толку многу да кажам и толку малку енергија. Морам да му оддадам признание на Карлос. Тој е голем човек и шампион. Многу играчи никогаш не успеале да дојдат до тој момент во целата кариера, а тој го направи тоа во само две години. Никогаш не се откажува и го сакам тоа кај него, но би сакал некогаш да одиграме и полесен меч. Шпанецот никогаш не умира, тоа веќе го почувствував“, рече Ѓоковиќ и му се заблагодари на тимот за поддршката.
„Понекогаш не знам како ме поднесувате, но ви благодарам. Ова беше ролеркостер, изгледаше како финале на гренслем, дури и повеќе од тоа. Секој натпревар што го играме еден против друг е луд. Се надевам дека ќе играме во Њујорк за неколку недели. Тоа би било убаво за публиката, но не знам дали би било добро за мене“, рече Ѓоковиќ.
За потсетување, ова беше последен голем турнир пред последниот гренслем, пресметката на „Ју-Ес опен“, која стартува во понеделник. Ѓокови и Алкараз се главни фаворити за пласман во финалето.