Наташа Николовска (42) од Скопје, самохрана мајка на малиот Марио, ја изгуби битката со болеста. Јавноста дозна за мајката пред три години кога беа објавени хуманитарни акции со цел да се соберат средства за нејзиното лекување. Животот воопшто не беше лесен за неа. Во 2016 таа го загуби сопругот, откако тој ненадејно почина од инфаркт, а само една година подоцна се разболела од рак на желудник.
Само неколку дена по објавата на веста дека на мајката ѝ се потребни финансиски средства за озонска терапија на приватна клиника, се организираа низа хумани акции. Граѓаните донираа преку телефонските броеви, се вклучија цели училишни паралелки, како и пратениците донираа дел од своите плати. Откако сумата беше собрана, таа јавно се заблагодари за помошта.
„Јас сум жилава личност, ќе успеам. Морам да си го изведам детето на прав пат, да бидам тука за него. Сакам тој да израсне во успешен човек, да биде дури подобар и поуспешен и од мене и неговиот татко. Тоа ми е животна цел. А за него секоја жртва се исплати.
Јас знам дека се борам со духови и немам ривал пред себе. Им праќам поздрави на сите хумани луѓе кои донираа. Ова не е само донација за една мајка, туку донација за едно дете кое што треба да порасне покрај мајка и да не ја почувствува горчината на животот уште од мали нозе“, изјави тогаш Николовска.
Веста за нејзината смрт ја соопштија нејзините најблиски на социјални мрежи, опростувајќи се од неа преку потресните пораки.