На денешен ден пред 30 години почина фронтменот на популарната музичка група „Квин“, Фреди Меркјури. Тој беше еден од најголемите шоумени и пејачи во историјата на рок-музиката. Тој почина од сида, само еден ден откако објави дека е болен.
За болеста откри 4 години претходно, но, докрај ја чуваше во тајност. За неа знаеа само мал близок круг на луѓе околу него.
„Ја завршивме најголемата турнеја на нашите животи и бевме многу, многу среќни, кога Фреди кажа дека веќе не може да го прави тоа. Тој знаеше да исчезне и да се врати со изгореници по телото. Не сакавме да го прашаме, зашто веројатно не ни сакавме да знаеме и така беше долго време. Фреди во тоа време уште беше полн со енергија, но имаше знаци дека нешто го напаѓа. На крајот веќе беше очигледно“, вели гитаристот Брајан Меј во новиот документарец за последните години од животот на Меркјури.
Фреди инсистирал да продолжи со музиката што резултираше со прошталниот албум „Innuendo“ од 1991.
„Бевме подготвени да лажеме до последната минута. Фреди не сакаше да поминува низ мизеријата да го сожалуваат и затоа објави 24 часа пред да замине. Мислам дека тоа беше совршен тајминг“, кажа тапанарот Роџер Тејлор.
Меј вели дека никогаш всушност не се помириле со смртта на Фреди.
„Кога почина, седевме во неверување и долго време не можевме да прифатиме. Имавме период од две години кога само тагувавме и се однесувавме ирационално, речиси го негиравме постоењето на ‘Квин’ и на минатото. Денес, сѐ уште чувствуваме како Фреди да е со нас, како да не заминал, зашто тој е во сѐ што сме го правеле. Не поминува ден да не помислам на него“, изјави Меј во интервјуто за „Гардијан“.