Пејачот Ацо Пејовиќ последниве месеци го сврте вниманието на јавноста поради маестралните изведби во филмот „Тома“. Песната „Полноќ“ стана хит, а во студиото на „Репортер“ ја запеја „Проклета е оваа недела“, песната на која по првата проба, му рекле: „Тоа е тоа, еве кој ќе го пее Тома во филмот“.
Пејовиќ деновиве беше во Скопје за да го најави концертот на 9 април. Кога е тука, вели дека ужива во добрата мекедонска храна и во добрата музика. И овој пат не пропушти да седне во скопска кафеана .
„Бев на улицата Боемска во една кафеана. Тројца свирачи ми свиреа, јас пеев со нив. Кога сум тука, сакам да уживам во вашата музика и во добрата храна. Па, така, и без тавче-гравче не си одам“, ни раскажа Пејовиќ.
Вели дека, освен што е гурман, ужива во доброто вино и во пури од Никарагва. Има свое лозје, па прави домашно вино. „Јас имам илјада стебла винова лоза во Смедерево, годишно правам околу 700 литри вино и со пријателите секако дека ќе го испиеме“, искрен е пејачот.
Од Приеполе, каде што е роден, до Белград има многу приказни. Деновите во ученичкиот дом во Подгорица го врзуваат за многу спомени, и убави и неубави. „Тоа ме научи да знам како да се однесувам и кога имам и кога немам“.
Татко е на три ќерки, а за себе вели дека е многу строг. „Па мајка ми да не ме тепаше по задникот, може ќе бев наркоман“, вели Пејовиќ.
Со сопругата Билјана е 30 години во брак. Ни откри дека по 7 дена врска се оженил. Од матурска вечер ја однел Билјна кај него дома . „ Хаос беше и со нејзините, се лутеа. Ама ете нѐ заедно со три прекрасни ќерки. И не е лесно со четири жени дома, ама издржувам“, низ насмевка вели Пејовиќ.
Зборувавме и за времето кога им било најтешко. На неговата сопруга Билјана ѝ се избришани три месеци од меморијата, имала излив на крв во мозокот. „Да, тоа е аневризма и таа е оперирана. Билјана е професор на факултет и паднала пред студентите. Операцијата траеше 6 и пол часа. За среќа, закрепна. Три месеци ѝ се избришани од меморијата.Не ни беше лесно, но повторно сме среќни“, раскажува Пејовиќ.
За филмот „Тома“, кој му ја обележа годината, за измислениот дует меѓу Силвана и Здравковиќ и како излегува на крај со хејтерите, од детството до денес… гледајте го интервјуто.
Александра Георгиев