Во знак на 30-годишнината од издавањето на вториот албум на Нирвана „Невермајнд“, Би-би-си го најави документарниот филм When Nirvana Came to Britain. Албумот е објавен на 24 септември 1991 година, а во документарецот е раскажана приказната на Нирвана од 1989 година, кога бендот ја посети Велика Британија во пресрет на турнејата Bleach, па сѐ до самоубиството на Курт Кобејн во 1994 година.
Во најавата за документарниот филм стои дека Нирвана во Британија го најави новиот вид рок кој ја промени тогашната музичка индустрија и значајно влијаеше врз младината.
Ќе бидат прикажани архивски и приватни снимки од членовите на бендот, посетата на помалку познати британски локации кои одиграле изненадувачка улога во подемот на Нирвана. Интервјуто со Дејв Грол и Крист Новоселик ќе даде дополнителен увид во посебната врска помеѓу Нирвана и Велика Британија.
„Вашата земја многу побрзо ја прифати нашата работа отколку Америка. Се сеќавам добро дека после турнејата во Британија заминавме во Америка, каде свиревме пред стотина луѓе. Дефинитивно не беше како во Британија. Вие сте нашиот втор дом“, рекол Грол.