Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, добила покана да се приклучи на Управувачкиот комитет на новата европска Мрежа на жени лидери во јавниот сектор за климатски прашања. Основачкиот собир и првиот лидерски дијалог ќе се одржат утре, 14 октомври, во Брисел, каде што таа најави учество.
Поканата ја упатила Силвана Кох-Мерин, претседателка и основачка на организацијата Women Political Leaders (WPL). Божиновска ја оцени како признание за досегашните заложби во енергетиката, но и како одговорност македонските искуства и приоритети да бидат претставени во европските дискусии за климатската и енергетската транзиција.
„Особено ми значи што нашите заложби за енергетска транзиција, диверзификација на снабдувањето, обновливи извори и регионална енергетска соработка се препознаени како искуство што може да придонесе во креирањето на идните европски приоритети“, истакна Божиновска.
Според нејзината објава, мрежата е основана од WPL, под покровителство на принцезата Мари-Есмералда од Белгија и во партнерство со Мрежата на жени лидери за климата на Групацијата на Европската инвестициска банка.
Иницијативата ќе поврзува жени на високи јавни функции, со цел размена на искуства, унапредување на климатските политики и поттикнување инвестиции во одржлива инфраструктура.
Во фокусот на разговорите во Брисел ќе бидат чистата енергија, отпорноста на инфраструктурата на климатските промени, примената на нови технологии и можностите за поинтензивна соработка меѓу јавниот и приватниот сектор.
Божиновска нагласи дека учеството од самиот почеток на иницијативата е можност гласот на Македонија да биде присутен во обликувањето на европските климатски приоритети. Таа очекува дијалогот да отвори простор и за нови партнерства во енергетиката, размена на знаења и соработка во спроведувањето на климатските политики.






