Бунт во Сицилија поради свадбата на Дуа Липа и Калум Тарнер: „Палермо не е играчка за милионери“

Бунт во Сицилија поради свадбата на Дуа Липа и Калум Тарнер: „Палермо не е играчка за милионери“

пред 3 часа

Луксузната свадба на светската музичка ѕвезда Дуа Липа и британскиот актер Калум Тарнер предизвика неочекувани реакции во Сицилија, откако дел од жителите на Палермо јавно протестираа поради строгите безбедносни мерки и затворањето на делови од градот за тридневната прослава.

Според британските медиуми, низ центарот на Палермо се поставени засилени полициски кордони околу историските плоштади и објекти каде што се одржуваат свадбените свечености. Особено обезбедување има околу палатата „Палацо Валгуарнера-Ганги“, каде што младенците организираат ексклузивен коктел-прием за своите гости.

Локалните власти затвориле повеќе јавни простори, меѓу кои плоштадите „Пјаца Сант’Ана“ и „Пјаца Кроче деи Веспри“, а во одредени делови од градот бил воведен и режим на забрана за дронови. Според дел од медиумските извештаи, на некои жители и вработени во близина на свадбените локации им биле доставени договори за доверливост.

Незадоволството кај дел од локалното население брзо се претвори во јавен протест. Низ улиците и плоштадите на Палермо се појавија плакати и графити со пораки како „Палермо не е за изнајмување“, „Нашиот плоштад не е ваша дневна соба“ и „Палермо не е само за богатите“.

Откако организаторите на свадбата ги отстраниле дел од плакатите, демонстрантите повторно ги испишале истите пораки на ѕидовите во центарот на градот.

Сопственичката на продавница во Палермо, Кончета Килеми, за британскиот „Гардијан“ изјавила дека градот за време на свадбените подготовки повеќе наликува на тематски парк отколку на нормално место за живеење.

Сличен став има и Клариса, сопственичка на локален бар, која истакнала дека жителите со денови се соочуваат со ограничувања.

„Три дена сме принудени да ги паркираме автомобилите далеку од работните места и пеш да доаѓаме до нив. Не е во ред да се блокира целиот град. Би го разбрала тоа ако доаѓа папата, но не и за една пејачка“, изјавила таа.

Според британските медиуми, тридневната свадбена прослава чини околу 1,73 милиони долари и се смета за една од најлуксузните славенички церемонии годинава.

Иако главната свадбена церемонија е закажана за сабота во вилата „Валгуарнера“ во близина на Палермо, Дуа Липа и Калум Тарнер веќе официјално стапиле во брак на интимна церемонија одржана на 31 мај во Лондон, во присуство на најблиските членови на семејството и пријателите.

За лондонската церемонија, Дуа Липа носела уникатна венчаница изработена од модната куќа „Скијапарели“, додека Тарнер се појавил во елегантен темносин костум од „Ферагамо“. По излегувањето од матичната служба, гостите ги пречекале младенците со конфети и аплаузи.

За претстојната свадбена прослава во Сицилија се очекува присуство на бројни познати личности од светот на музиката, филмот и модата. Според неофицијални информации, како можен музички гостин се споменува и легендарниот Елтон Џон.

Дуа Липа и Калум Тарнер првпат беа поврзани во јавноста на почетокот на 2024 година, а својата врска официјално ја потврдија по заедничко појавување на приватна забава организирана од „Епл ТВ+“. Во јуни 2025 година пејачката јавно потврди дека се верени, нарекувајќи го тој период „возбудливо ново поглавје“ во нејзиниот живот.

Додека младенците се подготвуваат за раскошната свадбена церемонија во Сицилија, дел од жителите на Палермо и натаму негодуваат поради ограничувањата што ги донесе настанот, претворајќи ја една од најочекуваните свадби на годината и во локална контроверзија.

Share
Scroll to Top