Шер наполни 75 години и за роденденот кажа дека се подготвува биографски филм за нејзиниот живот. Американската пејачка и актерка има шестдецениската кариера, а таа ќе биде еден од продуцентите на филмот, што ќе го снима „Јуниверзал“. Сценариото ќе го пишува авторот на „Форест Гамп“ и „Ѕвезда е родена“, Ерик Рот.
Родена како Шерилин Саркисијан на 20 мај 1946, Шер ја почнала музичката кариера откако на 18 години го запознала Сони Боно, кој бил 11 години постар од неа. Нивната креативна соработка траеше до 1977, а, а беа и седум години во брак.
Таа сними 26 студиски албуми во кариерата, кои беа продадени во повеќе од 100 милиони примероци. Постојано се враќаше на музичката сцена прилагодувајќи се на сите ери. Успешен трансфер направи и на филм, освојувајќи оскар за најдобра актерка во 1988 година.
„Да се биде Шер понекогаш е смешна, валкана работа, но некој мора да ја врши. Доволно сум стара да бидам млада и доволно сум млада да бидам стара, па мора да бидам креативна“, рече еднаш Шер, која освен со музиката секогаш била и политички и социјално активна.