Младта поп-пејачка Лара Иванова го промовираше видео спотот за песната „Душа“ – темата со која настапи на 36-то издание на „Макфест“. Музиката, аранжманот и продукцијата се на Иле Спасев, а тексот е на Робин Зимбаков. Видеото е на Владимир Митревски – Ѓуле.
Лара Иванова, на 17 години го живее својот музички сон. За неполна година таа промовира три песни: „Некогаш ќе помине“, „Осамена“ и „Кој е сега крив“, и сите три веднаш станаа хитови. Песните се пуштаат на радијата, публиката ги пее, а во јавноста коментираат дека Лара е вистинско освежување на сцената.
Лара е ученичка во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, на одделот за класичен балет.
„Искрено, не мислев дека толку млада ќе имам неколку хитови. Напорно работев од почетокот и трудот и посветеноста за кратко вродија со плод. Отсекогаш посакував да бидам пејачка, да имам свои песни и да настапувам, тоа не е фаза низ која минувам. Токму затоа и се запишав во музичкото училиште“, ни откри Лара неодман за „Репортер“.