Виктор Апостоловски: Пет дена во Истанбул барав место кај да клекнам и да ја побарам Милена за жена

Виктор Апостоловски: Пет дена во Истанбул барав место кај да клекнам и да ја побарам Милена за жена

пред 2 години

Пејачот Виктор Апостоловски, по три години врска, викендов ја побара за жена својата девојка Милена. Тој објави видео од романтичното запросување на Босфор и ги изненади обожавателите, бидејќи досега не споделил ниедна заедничка фотографија на социјалните мрежи. Виктор низ годините скоро никогаш не зборувал за своите врски. Но во разговор за „Репортер“ тој првпат раскажува за љубовта со Милена, како скришно купил свршенички прстен во Капали чаршија и зошто реши да ја побара за жена во Истанбул.

„Патувањето во Турција испадна сосем случајно. Имавме неколку слободни моменти, таа одамна сакаше да одиме за Истанбул, а јас сакам спонтани моменти, па си реков, да ја искористам приликата за да си го памтиме моментот уште повеќе. Искрено, не размислував многу како ќе ја побарам за жена. Нејќе многу мислење. Колку повеќе размислуваш и планираш, толку поголема шанса да промашиш нешто. Едноставно купив прстен, знаев дека ќе се сликаме цело време и си реков во некој од тие моменти ќе го извадам прстенот и тоа е тоа. Е сега, во тие 4-5 дена се сликавме на милион места и некако никако да потклекнам, ама на крајот мислам дека испадна ептен романтично. Кога си во здрава, нормална врска, разговараш и на таа тема, да си правиш планови. Сме разговарале безброј пати и сме фантазирале за иднината, но познавајќи ме мене и мојата природа, начинот на кој функционирам и сè правам бавно, воопшто не очекуваше дека моментот ќе дојде баш сега“, ни откри Виктор. Прстенот го избрал сам. Го купил кришум во златара во Капали чаршија во Истанбул. Среќен е што го погодил, оти,, вели, по три години врска, веќе ѝ го знае добро вкусот на Милена. „Татко ми како млад често патуваше за Турција, го знае јазикот и го знае Истанбул како џебот. Па некои недела дена пред да тргнеме ми зборуваше каде одел, што има, па како во Капали чаршија има продавници за кожа, за ова, за она, златари.. И си реков, тука ме знаат сите, ако влезам некаде и прашам за прстен одма ќе се чуе, а таму можам да се искрадам од хотелот и да купам кај сакам“, призна пејчот. Со Милена е во врска три години. Вели нивната љубовна приказна почнала спонтано, со едно намигнување и една насмевка во маркет. „Да не звучам клише, ама буквално беше ко на филм. Тоа беше нашето прво среќавање, по кое и двајцата си отидовме без да знаеме кои сме. По некое време таа случајно видела моја објава на социјалните мрежи и сфатила дека јас сум некој кој ѝ бил идол порано, ме заследи и полека-полека почнавме да се среќаваме сè почесто. Ни двајцата не сакавме врска, таа бидејќи сум пејач, а и јас бидејќи сум пејач, но полека развивме нешто прекрасно. За Милена вели дека е ведра девојка, полна со енергија, љубов и прекрасно воспитана. „Пред сè ме привлече позитивноста. Едноставно, ги има сите вредности што ги барам и многу повеќе. Taa работи како медицинска сестра во општа амбуланта и ги завршува студиите на Високата медицинска школа“, рече тој. Иако Милена знаела дека Виктор е музичар, на почетокот на врската не била воодушевена од неговата професија, но сепак го поддржувала. „Додека сè уште не ме познаваше, не ја сакаше баш мојата кариера. Со тек на времето ме запозна, виде каков човек сум, сфати како се движат работите и сега ми е главна поддршка. На почетокот ѝ беше чудно, свирки, обожаватели, девојки што сакаат да се сликаат, да поразговараат. Јас ѝ објаснив сè, и раскажав што сè се случува и дека не треба да се замара, но не ѝ беше сеедно. Со тек на време, што викаме ние, си легна на брашното. Сега веќе не се замара со такви работи, ги разбира фановите“, искрен е Апостоловски. Вели дека е рано да ја планираат свадбата, оти уште не се свесни што им се случува. „Би требало да е годинава, ама ај прво да се вратиме дома, па после ќе размислуваме. Инаку, знам дека многу луѓе не знаеја дека имам девојка, како изгледа, а камо ли дека ќе се женам. Но тие што ме знаат, знаат дека поради тоа што сè е јавно во мојата професија, сакам мојот приватен живот да ми биде приватен. Не мора сите сè да знаат и во сè да се мешаат секогаш. Сега кога веќе е официјално, ќе следуваат слики и видеа“, додава тој. Андријана Јовановска

Share
Scroll to Top