Холивудската ѕвезда Шерон Стоун напиша книга со мемоари „The Beauty Of Living Twice“ (Убавината од животот, проживеан два пати), во која тврди дека нејзината сестра Кели и таа биле сексуално злоставувани од нивниот дедо кога биле девојчиња, пишува „Њујорк Тајмс“.
Актерката за „Њујорк Тајмс“ изјави дека нејзината мајка Дороти не сакала таа и нејзината сестра да зборуваат јавно за злоставувањето.
“Кели и јас разговаравме со мајка ми за тоа, и таа ми напиша писмо по разговорот во кое вели дека е многу збунета. Беше згрозена од откритието. Сепак, по разговорот со сестра ми, таа започна да прифаќа дека тоа навистина се случило. “, вели Шерон.
“Мајка ми се согласи отворено да разговара со мене за сè кога ѝ прочитав делови од моите мемоари. Таа беше со мене неколку дена кога се опоравував од грипот, легна покрај мене во кревет додека ја завршував книгата. По отворен разговор кој траеше час и половина преработив некои делови од книгата што потоа ѝ ги посветив неа“, вели актерката.
Стоун вели дека решила да ги напише мемоарите по мозочниот удар во 2001 што го претрпела. „Пишувањето беше моето ослободувачко искуство“, рече актерката.
По доживеаниот мозочен удар лекарите ѝ дале само пет проценти шанса да преживее. Шерон долго време не можеше да зборува, да чита или да пишува, но успеа да се врати во живот и да се избори со болеста.