Панчо и Андреј годинава добија „Златна бубамара“ за најпопуларна група за 2022 година. Освоената статуетка ја ставија на лицитација и парите ќе ги донираат за фондацијата „Марко Божиновски“. Лицитацијата е веќе во тек и ќе трае до среда. Во четврток ќе го објават новиот сопственик.
„Наградите од секогаш биле добредојдени за еден уметник како мало признание за трудот и сме преблагодарни на Ранко Петровиќ и „Златна Бубамара“ за дадената награда и укажаната чест за истата. Оваа наша награда решивме да ја ставиме на лицитација и средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат наменети за фондацијата „Марко Божиновски”. Оваа фондација им помага на сите оние фамилии каде што е потребно и каде што државата нема слух за истите. Почетната цена на статуетката ќе биде 6.000 денари и искрено се надеваме дека сумата ќе достигне многу повеќе. Сопственикот на статуетката ќе стане оној кој последен ќе ја даде највисоката сума, напишана во коментар, а ќе му ја предадеме лично во пакет со потпишано ексклузивно цеде од нашиот најнов албум „Дваесет” и ДВД издание од јубилејниот концерт одржан во арената ‘Борис Трајковски’“, рекоа Панчо и Андреј.
За потсетување, пејачите досега повеќе пати им помогнале на луѓе со егзистенционални проблеми, било да е тоа во пари, храна, средства за хигиена и друго.