Дуа Липа и Калум Тарнер се венчаа во Лондон: Следува раскошна тридневна прослава на Сицилија

Дуа Липа и Калум Тарнер се венчаа во Лондон: Следува раскошна тридневна прослава на Сицилија

пред 1 час

Светски познатата пејачка Дуа Липа и британскиот актер Калум Тарнер официјално стапија во брак на интимна церемонија во Лондон, опкружени со најблиските членови на семејството и неколку пријатели.

Според британските медиуми, двојката го изговорила судбоносното „да“ во градското собрание Олд Мерилебон, каде што била одржана приватна граѓанска венчавка пред големата свадбена прослава што наскоро ќе се одржи во Италија.

 

Дуа Липа на церемонијата се појавила во елегантна бела комбинација со шешир и ракавици, додека Калум Тарнер носел темно одело со вратоврска. По завршувањето на венчавката, младенците биле пречекани од нивните гости со конфети на скалите пред објектот, по што заминале во традиционално лондонско црно такси.

Лондонската церемонија, според извори блиски до парот, претставувала формален дел од венчавањето, додека главната прослава ќе се одржи на Сицилија. Планирана е тридневна свадбена програма на неколку ексклузивни локации на италијанскиот остров, каде се очекува присуство на бројни светски познати личности.

Меѓу гостите, според медиумските шпекулации, треба да се најдат музичките ѕвезди Чарли Екс-Си-Екс и Тове Ло, а не се исклучува можноста на свеченоста да настапи и легендарниот Елтон Џон, со кого Дуа Липа во 2021 година го сними светскиот хит „Cold Heart“.

Извори блиски до организацијата откриваат дека за прославата биле резервирани неколку луксузни локации, а целиот настан ќе биде поделен во повеќе тематски сегменти.

Посебно внимание привлекува и информацијата дека познатиот француски моден дизајнер Сајмон Порт Жакмус, основач на брендот „Жакмус“, наводно дизајнирал барем една од венчаниците што ќе ги носи пејачката.

Љубовната приказна на Дуа Липа и Калум Тарнер започна во 2023 година, а актерот ја запроси пејачката во декември 2024 година. Веста за свршувачката Дуа официјално ја потврди во интервју за британскиот „Вог“ во јуни 2025 година, додека беше на својата светска турнеја „Радикален оптимизам“.

Тогаш пејачката откри и дека вереничкиот прстен бил специјално изработен за неа, при што Калум се консултирал со нејзината сестра Рина и неколку нејзини блиски пријатели за да го избере совршениот дизајн.

Со венчавката во Лондон, Дуа Липа и Калум Тарнер официјално отворија ново поглавје во својот живот, а вниманието на светската јавност сега е насочено кон луксузната свадбена прослава што ќе следува на Сицилија.

Share
Scroll to Top