Во Младинскиот културен центар вечерва почнува 47.издание на „Млад отворен театар“, со дуодрамата „Кислород“ на Иван Вирипаев, во режија на Иван Јерчиќ на Народниот театар Битола.
Годинава МОТ воведува награда „Биш“ во чест на еден од основачите на театарот Љубиша Никодиновски Биш, кој почина годинава. Наградата ќе биде доделена за најдобра театарска претстава од домашна продукција меѓу две фестивалски изданија.
На отворениот повик од Младинскиот културен центар се пријавија 25 продукции, а на фестивалот ќе бидат прикажани осум селектирани претстави. Оценувањето на претставите ќе го прави меѓународно жири.
По освојувањето на гран при наградата на фестивалот за дуодрама „Бранко Ѓорчев“, и изведбата на Балканскиот театарски фестивал во Благоевград, Бугарија, „Кислород“ ќе биде една од осумте претстави кои ќе се натпреваруваат за наградата „Биш“.
Оваа претстава заедно со уште 22 драмски перформанси ќе ги заземат сцените низ Скопје во рамки на десет дена, од 10 до 19 ноември.