Елена Н.Цветковиќ-Елени е уметник и мејкап артист од Скопје. Таа е една од оние кои со години ги разубавува дамите, шминкајќи ги секогаш по најновите трендови. Со многу љубов и посветеност за она што го работи вели: секоја жена со себе ја носи својата убавина, а шминката само ја надополнува.
Љубовта кон шминкањето ја носи одамна, благодарение на нејзината тетка. „Таа беше сестрата на мајка ми, која беше посебно убава жена, секогаш средена, со фризура и шминка, пресреќна бев кога ќе појдеме на гости кај неа и тоа ми беше шанса да и претерам по нејзината ташната. Имаше шминки во многу поголем број од оние што ги поседуваше мајка ми. Оттаму желбата уште како мала да ги шминкам моите кукли. Кога пораснав прво ја шминкав мајка ми и често вежбав на неа. Потоа ги шминкав моите другарки, сестра ми, па пријателките, пријателките на пријателките … Така и почна мојата приказна вели Елена, која има свое студио Елени Мејкап, во Скопје.
Иако е уметник и дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, сепак, шминкањето за неа е одмарање. „Јас додека шминкам, како да медитирам, тоа ме релаксира бидејќи пред сè го правам со голема љубов. За оние што не знаат, шминкањето се смета за уметничка форма. Како што платното е основа за уметникот, на него да создаде едно уметничко дело, така за нас мејкап артистите лицето е платното. Во случајов моето познавање кое сум го стекнала на ФЛУ, во голема мера ми помага, посебно во одредувањето на пропорциите на еден лик, во комбинирањето на боите, сенчењето“, вели Елена.
Во пресрет на матурите и полуматурите разговаравме со неа за новите трендови, идеи..
Кој е најголемиот тренд во шминкањето за оваа пролет?
– Минимален мејкап или подобро објаснето шминка која е нежна и е во мали количини. Значи природниот изглед е секогаш во тренд, па така и оваа пролет, а и лето. Но, под природен изглед се мисли на добро негувана кожа, која е хидрирана и блескава. За оние похрабрите, тренд во мејкапот е колор поп, поточно изразување на очите или устата со јака контрасни боја, овој тренд би бил интересен за вечерни пригоди.
Колку дневната шминка треба да се разликува шминката за вечерно излегување?
– Па во суштина треба да се разликува, бидејќи лично сметам дека дневната шминка треба да е минимална, некогаш е доволно да се нанесе матирана крем за лице, секако со заштитен фактор, потоа многу тенок слој на пудра во прав или компресирана пудра, малку руменило, нежна сенка на очите. Потоа тенок ајлајнер кој предлагам да се исцрта со сенка во некоја земјена нијанса, да се изразат трепките со убава маскара, но да не се претерува со слоевито нанесување. На усните советувам нијансиран сјај за усни или нежна нијанса на крем кармин и на крај тенок слој на хајлајтер кој ќе даде додатен сјај на убавата и нежна дневна шминка. За вечерната секако сметам дека треба да се разликува од дневната шминка, пред сè бидејќи дневната и ноќна светлина не е иста.
Доаѓаат матурите. Што би ги советувала матурантките? А што идните невести?
– Матурантките би ги советувала пред сè, да уживаат и да се опуштат. Би ги советувала да бидат тоа што се, да не го менуваат нивниот изглед, до степен на непрепознавање. Нивната младост и свежина е доволна да се истакне со минимална шминка. Да не се претерува со јака и многу слоевита пудра, со прејаки и агресивни сенки на очите и изразити контури и руменила. Во зависност од нивниот стајлинг, предлагам нежна шминка, со земјени тонови, а во некои случаи може истакнување со некој интересен детал како на пример: исцртување на интересни линии со ајлајнер врз Color Pop варијанта на сенка. Исто така може и да си играат со додавање на некој бисерен циркон на пределот околу очите, но сето тоа да биде изведено интересно и во склад со нивните години.
-За невестите советувам пред сè да внимаваат на периодот пред свадбата, да им биде кожата негувана и хидрирана, бидејќи неизбежен е фактот дека добро негуваната кожа е секогаш најдобра подлога за шминката да изгледа уште подобро.
Колку е важно да се квалитетни шминките?
– Многу, важно е да бидат квалитетни и секогаш да се обновуваат. Значи ако рокот на шминката е изминат, тогаш време е да се заменат со нови. Исто така квалитетната шминка, значи и подобар изглед кога ќе се нанесе и секако значи и подолго трајност по нанесувањето.
Што е со контурите, дали и тие се важен дел од мејкапот?
– Важни се, но не се секогаш потребни. Повторно во зависност од самите пропорции на ликот, но и од пригодата за која е потребна и шминката, одредувам дали е потребно контурирање и до кој степен. Контурирањето помага на ликот да му дадеме подобра дефиниција, да ги изразиме деловите на лицето кои треба да се истакнат, а да ги прикриеме оние кои не треба да се толку јасни.
Дали кога одиш по улица или кога ќе си во друштво со жени професионално анализираш која како е нашминкана?
– Да, секогаш, дури и да не сакам, тоа е едноставно професионална маана. Најпрво ги анализирам пропорциите на ликот, а потоа и нивната шминка. Но иако нашите жени, посебно повозрасните, послабо употребуваат шминка, сметам дека знаат и имаат сенс за шминка и за тоа што е добро, а што не.
Александра Георгиев