Како што цената на бензините ширум САД продолжува да расте, Американците бараат се поевтини начини за да ги наполнат своите резервоари. Некои од нив дури отидоа во друга земја.
Во Калифорнија, која постојано е рангирана како една од оние земји со највисоки цени на бензинот, некои од луѓето одат и преку границата меѓу САД и Мексико за да стават поевтино гориво, пренесе „Би-би-си“.
Дури и пред руската инвазија на Украина на крајот на февруари, цената на бензините во САД почна да расте. Според податоците на американското Министерство за труд, цената на бензинот пораснала за 40% од јануари 2021 година до јануари 2022 година.
Русија е третиот најголем производител на нафта во светот, а поради војната цените на бензините пораснале во САД и други земји во светот.
Претходно овој месец, просечната цена на малопродажен галон бензин, достигна 4,33 долари, достигнувајќи го максимумот од претходните 14 години. Податоците се од Американската автомобилска асоцијација.
Просечната цена на бензин во Калифорнија во моментов изнесува 5,91 долар по галон и 4,24 долари по галон на национално ниво, велат од Американската автомобилска асоцијација.
Во Мексико е поинаку. Претходно овој месец, претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор вети дека ќе ги контролира цените на бензинот со субвенционирање на горивото. На Тик Ток Хулио Вакеро, жител од Сан Диего, кој е само 23 километри од границата, објави видео покажувајќи како го наполнил резервоарот на на Honda Civic во Тихуана за 40 долари.
„800 пезоси и ево го, полн резервоар“, рече тој, покажувајќи на дисплејот од пумпата на бензиската станица и потоа на својата инструментална табла.
Тој за „Би-би-си“ рече дека недела дена подоцна платил 70 долари за да го наполни резервоарот во Калифорнија. Вакер живее на околу 20 минути од Тихуана и има намера да оди во тој мексикански град секој втор месец.
Тој додаде дека ако цените продолжат да растат или бидат на истото ниво, ќе почне да доаѓа во Мексико еднаш неделно по поевин бензин.
Кога ја пресметал цената за галон, рекол дека речиси шест долари за галон во Сан Диего во споредба со 3,75 долари за галон во Мексико се кражба. Цената во Пемек, државната мексиканска компанија, била поевтина за дури 3,30 долари по галон.
Друг жител на Јужна Калифорнија, Кен Барнс, изјави за Би-Би-Си дека, иако тој и неговата сопруга во моментов не одат во Мексико исклучиво за да стават бензин, тие намерно избегнуваат да го наполнат резервоарот во САД пред да заминат во соседната земја.
Барнс живее околу 30 километри од границата. Тој рече дека ако планира да оди во Мексико, сигурно ќе ја премине границата и ќе го наполни резервоарот.
Според GasBuddy, кој дава увид на цените на бензините во реално време и покрај високите цени побарувачката за бензин и понатаму расте на национално ниво. На средината на март побарувачката пораснала за 2,9′, иако е нејасно зошто тоа се случува.