Во рамките на 51. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“ 2023 на 26 мај со почеток во 20 часот ќе се изведе едно од најмоќните и најдраматичните дела во историјата на класичната музика, „Реквием“ на италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди.
Диригент е гостинот од Бугарија, Емил Табаков, концерт-мајстор е Владимир Костов, а хор-мајстор е Ѓурѓица Дашиќ. Настапува Хорот на Националната опера и балет и Оркестарот на Филхармонија на Северна Македонија.
Солисти: Беса Лугичи, сопран (Косово), Сања Анастасиa, мецосопран (Србија), Никола Китановски, тенор, Игор Дурловски, бас.
Неповторлива музичка фантазија! „Реквием“ на Верди е прекрасна фузија од опера, драма, симфонија, од возбудливи, виртуозни соло мигови, од радост и среќа, до патос и тага, од едноставни „реченици“ кои ја растеретуваат мислата, до длабока филозофска идеја за чија суштина вреди да се размислува. Делото е посветено на славниот италијански книжевник Алесандро Манцони.
Композиторот Јоханес Брамс изјавил дека „само гениј би можел да напише вакво дело!“ Реквиемот на Верди е дело со „најсконцентрирани“ емоции – сите човекови чувства ставени на толку малку страници. Музиката е директна и моќна, вознемирувачка, величествена…