На 28 октомври во Филхармонија ќе се одржи концертот „Индекси и пријателите“ со кој ќе се прослават 60 години од основањето на култниот сараевски бенд. Индекси е најдолготрајната и најзначајната босанска поп-рок група, а важи и за еден од најдобрите екс-ју бендови. Основана 1962 година, групата постоеше до 2001 година.
Концертот во Скопје е дел од регионалната турнеја, а за која ќе се соберат живите членови на бендот: Фадил Реџиќ, Нено Јурин, Мирослав Шарановиќ, Пецо Петеј, Владо Правдиќ, легендарниот клавијатурист на Бијело Дугме кој музичката кариера ја започна во Индекси, и гитаристите Мурис Варајиќ и Иван Кукиќ.

Најпознатите хитови на бендот ќе ги испеат познати, но и млади музичари, меѓу кои и Дадо Топиќ, Хари Мата Хари, Бранко Ѓуриќ-Ѓуро, Бојана Стаменов, Тамара Тодевска, Дејан Цукиќ и други.
Билетите се веќе во продажба по цена од 1200 до 1900 денари.







