Австралиските музички ѕвезди Кајли Миног и Џејсон Донован по 34 години пак ќе глумат во австралиската сапуница „Соседи“ со која се прославија, објавија продуцентите на серијата.
Миног и Донован ја почнаа својата кариера во „Соседи“, сапуница која следниот месец ќе престане да се прикажува по 37 години. Според продуцентите, ѕвездите се согласиле да се појават во последната епизода.
„Возбудени сме што Џејсон и Кајли се согласија да играат посебна улога во финалето на серијата. Скот и Шарлин, ликовите што ги толкуваа, се најпознатиот пар на ‘Соседи’, па крајот не би бил ист без нив. Снимањето беше емотивно искуство за нив, за нас и сигурен сум дека ќе биде и за нашите гледачи“, објави извршниот продуцент на серијата Џејсон Хербисон.
Пред да станат популарни во цел свет, Миног и Донован играа телевизиска двојка во популарна сапуница, но тајно беа пар и во реалниот живот. Љубовната врска им заврши кога Кајли го запозна пејачот на „Инексес“, Мајкл Хаченс.
Во „Соседи“, сапуницата со која пораснаа многу генерации во Австралија и Британија, кариерите ги започнаа и филмските ѕвезди Марго Роби и Расел Кроу.