Кевин Спејси мора да плати 31 милион долари за отказот во серијата „Куќа од карти“

пред 3 години

Американскиот суд лани одлучил дека актерот Кевин Спејси мора да плати 31 милион долари на студиото „МРЦ“ што ја правеше хит-серијата „Куќа од карти“, откако го отпуштија од работа поради прекршување на договорот. Иако пресудата е донесена лани, дури вчера во јавноста се дозна за неа, откако студиото поднело судска петиција да си ги добие парите.

Оскаровецот, кој ја играше главната улога во „Куќа од карти“, беше отпуштен откако се соочи со обвинувања за сексуално вознемирување. Него во 2017 година повеќе лица го обвинија за сексуално вознемирување и глумецот тогаш ја изгуби улогата на бескрупулозниот политичар во „Куќа од карти“, една од најпопуларните серии на „Нетфликс“ во тоа време. Спејси беше една од првите јавни личности обвинети за недолично однесување среде скандалот со Харви Вајнстин.

„МРЦ“ и „Нетфликс“ тогаш го отпуштија Спејси од серијата со образложение дека студиото изгубило милиони долари зашто веќе работело на нова сезона. Според „Вараети“, „МРЦ“ ја поднело тужбата во 2019 година, а осумдневното затворено сослушување се случило во февруари 2020 година.

Share
Scroll to Top