Кире Лазаров ја заврши ракометната кариера: Сакам и понатаму да поместувам граници

Кире Лазаров ја заврши ракометната кариера: Сакам и понатаму да поместувам граници

пред 2 години

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров, официјално ја заврши кариерата како играч. Поранешниот капитен на националната селекција и ракометар на Нант, преку Фејсбук откри дека конечно донел одлука која многумина одамна ја очекувале, ама останува во спортот како селектор и им се радува на следните предизвици.

„Моето долго и прекрасно патување дојде до самиот крај. Одлуката беше тешка да се донесе, но сепак очекувана. Тешка затоа што го работев тоа што го сакам, од срце, со многу страст и ентузијазам. На моја возраст не е нималку лесно да играш на високо ниво во клуб со големи амбиции и очекувања, и во лига чија национална репрезентација веќе две децении доминира во светот на ракометот. Не сакав оваа одлука да ја соопштам многу порано, иако знаев дека е крај, дека е последна сезона. Сакав да бидам професионален и мотивиран, каков што бев во текот на целата моја кариера. Кога нешто работиш со голема љубов, можеш да поместиш граници.

Заминувам со гордо крената глава, играјќи за клубови-институции како Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Барселона, Нант. Клубови, градови и земји каде останував минимум пет години, што ја покажува обострано стекнатата доверба со луѓето со кои соработував. Довербата се стекнува со многу труд, посветеност, константност. Тоа посебно ме прави горд што не затворив врата во тие спортски институции. Многу титули, многу успеси и разочарувања, подеми и падови, победи и порази, ситуации каде некогаш не се гледал излез, но со многу верба, посветеност и чесност успевав да застанам на нозе и да продолжам понатаму.

Посебно ми е драго што, покрај обврските кон овие ракометни институции, наоѓав, време, желба и страст да бидам во служба на нашата национална репрезентација. 25 години и тринаесет големи натпреварувања со една мала земја, секогаш аутсајдер против големите, секогаш со голема верба дека Давид може против Голијат, играјќи дури и во петтата деценија од животот за својата земја, ми дава за право секого да погледнам во очи, дури и некогаш да не сум исполнил нечие очекување“, напиша Кире.

Тој во објавата се заблагодари и на семејството, на сите што низ годините го поддржувале и се радувале со него.

„Се надевам дека пак ќе поместуваме граници. Моето мото кое пак ќе ме води ќе биде ‘Секогаш на победа’“, стои во објавата.

 

Share
Scroll to Top