Модната агенција „Моделс Ин“ секоја година прави избор за своите најуспешни модели. На листата за 2022 година се најдоа пет девојки и пет дечки кои постигнаа најголем интернационален успех во изминатиот период. Според агенцијата, најуспешен женски модел е Елена Реи, а кај мажите тоа е Мухамед Енуз.
„Крајот на годината е одличен повод да се сумираат резултатите и да се направи ретроспектива за да се види кои модели успешно ја одбележале годината. Секоја модна агенција внимателно ги следи успесите на своите модели на интернационалните пазари и предвидува каде тие би можеле да одат следната сезона. Ова е период и кога странските модни агенции обично ги продолжуваат своите договори со матичната агенција на моделите, а се надеваат и дека откај нас ќе добијат нови и атрактивни лица за следниот период“, вели Алек Наумовски, кој пред 22 години ја формираше „Моделс Ин“ со Надица Георгиева.
Според изборот на агенцијата, најуспешен женски модел е Елена Реи.
„Таа лани во своето огромно портфолио вклучи одлични кампањи и соработки за ‘Шопард’ , модниот магазин ‘Шинсегае’, како и за реномираната дизајнерка Дајен вон Фурстенберг. По неа е Ивана Караџова, која лани работеше на релација Кина – Милано – Турција, а имаше кампањи за козметичката куќа ‘Оксан’, модниот бренд ‘Шеин’ и стана заштитно лице на ‘Лореал’“, рече Алек.
Трета на листата е Татјана Јанушева, за која Наумовски вели дека направила неверојатен пробив во светските центри на модата, Париз и Милано.
„Таа ја изработи кампањата за ‘Мис сиксти’, а веднаш потоа следуваа ангажмани за модното списание ‘Колектор магазин’ каде ги претстави колекциите на Прада и Гучи, како и каталог за брендот Спортмакс“, додава тој.
Магдалена Георгиевска првпат лани почна да работи во Милано, а покрај ангажманите за мејкап туторијали и шоу-румови, сликаше и за модно списание кое ќе излезе во февруари оваа година.
„Петта на листата е Наја Андруха, која е од Украина, но е дел од нашата агенција. Иако ова беше една од најтешките години за неа, таа се покажа како врвен професионалец и ги одработи сите проекти кога престојуваше во Македонија. Нејзиното огромно искуство во моделингот го вклучи во секој свој ангажман“, вели Алек.
Според Наумовски, кај мажите најмногу успех постигна Мухамед Енуз.
„Неверојатниот изглед и големата професионалност му овозможија да изработи фантастични проекти за нецела година. Откако имаше кампања за ‘Балман’, веднаш отиде за Милано каде работеше на шоуто за ‘Монклер’ и на кампањата за новиот парфем на дизајнерот Јони Печи“, ни рече Алек.
По него е Христијан Стојаноски Крис, кому долгата и успешна кариера на интернационален модел му овозможи да работи на егзотични места и дестинации. Од многуте кампањи кои успешно ги изработи беа и оние за „Чемпион“, „Поло“, како и комерцијалниот каталог за престижниот дизајнер Келвин Клајн.
На листата најуспешни и оваа година е Андреј Пајмакоски, кој лани работеше во Кина и во неколку месеци имаше одлични проекти и соработки со многу кинески брендови. Откако се врати, тој работеше во Белград за два српски бренда.
„Следен е Никола Андоновски, кој поради приватни планови и обврски оваа година повеќе беше достапен на Балканот. Но, успешно ја за заокружи годината со кампањата за интернационалниот бренд XYZ која беше работена на повеќе локации“, вели Наумовски.
Петти на листата е Павле Николовски, кој повеќе од 10 години гради кариера на интернационален модел.
„Павле оваа година беше на релација Шпанија – Турција – Дубаи. Меѓутоа сите агенции беа согласни дека сега изгледа најдобро и неговата форма на тело ја довел до совршени пропорции. Покрај сликање за комерцијални каталози, тој беше ангажиран и во кампања за очила за сонце“, додава Алек.