Малкумина знаат дека македонскиот актер Александар Ристоски глуми во филмот „Нечиста крв“ со Драган Бјелогрлиќ и Катарина Радивојевиќ. Ова е прва поголема улога на Александар, кој веќе десет години работи во Србија. Дипломирал во Белград и оттогаш игра во српскиот театар, а често снима и филмови. Вели дека е задоволен од кариера таму, но признава дека нема среќа со улогите во Македонија.
„Мојата прва улога во Македонија беше во филмот ‘Златна петорка’. Потоа снимив две серии кои, за жал, никогаш не се прикажаа на телевизија. Ни денес не знам зошто. Бев дел од екипата на серијата ‘Македонија’ каде што го играв ликот на Јордан Поп-Јорданов, а во серијата ‘Црвениот поет’ ја имав главната улога и го глумев ликот на Кочо Рацин“, раскажа Александар во разговорот за „Репортер“.
Не крие дека е разочаран што тука не добива улоги. Но, од друга страна, задоволен е што неговата кариера оди напред. Пред да го сними „Нечиста крв“, каде што го глуми берберот Сарош, тој имаше улога во вториот дел на филмот „Зона Замфирова“. По успехот на филмот, во кој главните улоги ги играа Драган Бјелогрлиќ и Катарина Радивојевиќ, режисерите почнаа да го бараат за нови проекти, а публиката сè повеќе го препознава.
„Во филмот глумам млад бербер, Турчин кој е заљубен во српска вдовица иако знае дека нивната љубов е забранета. Сарош е свесен за својот статус во општеството, но неговата емотивна чистота, страст и желба за нормален живот, се доказ дека тој попрво ќе го послуша срцето отколку разумот, иако знае какви проблеми ќе му донесе тоа“, вели Ристоски за својот лик.
Александар улогата на Сарош ќе ја репризира и во серијата „Нечиста крв – гревот на предците“, која од декември ќе се прикажува на телевизија.
„Продуцентите сами ме повикаа на кастинг кој траеше четири месеци и имаше четири круга на елиминација. Уште по првиот круг се согласивме дека ликот на Сарош се совпаѓа со мојот глумечки сензибилитет. Откако ја добив улогата ме чекаше сериозна подготовка за снимањето, одев на часови по јавање, учев турски јазик, учев боречки вештини“, ни кажа Ристоски.
Во филмот зборува со врањански акцент, ама вели дека не му било тешко ни тоа, оти српските акценти ги изучувал како предмет на Факултетот за драмски уметности во Белград, каде што дипломирал.
Ни раскажа дека сакал да учи глума во Скопје. Но годината кога требал да запише студии, на ФДУ немало приемен испит за глумци, па решил да ја проба среќата во Белград.
„Се водев од моето убедување дека академијата во Белград е една од најдобрите на Балканот и затоа решив да пробам таму. И ме примија. Тука сум веќе десет години, а од 2018 година сум вработен во Народниот театар во Сомбор“, ни откри Александар.
Низ муабетот ни призна дека отсекогаш сакал да биде актер.
„Се сеќавам, кога почнаа да ме прашуваат ‘Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш’, мојот одговор секогаш беше –актер. Не можам да објаснам зошто, едноставно имав такво чувство. Сега повеќе играм во театар отколку на филм, а во моментов во Сомбор спремам нова претстава во режија на македонскиот режисер Маријан Нечак“, кажа тој.
Освен во театарот во Сомбор, Ристески игра и во неколку театри во Белград, во ‘Бошко Буха’, ‘Пуж’, ‘Чича Мичино позориште’, а глуми во претстави за деца, но и во вечерни претстави.
„Како млад актер не правам разлика дали претставата е детска или за вечерна публика. На секоја претстава ѝ пристапувам професионално и со ентузијазам. Посебно ме радува кога играм за најмладата публика, која ја сметам за најискрена. Важно е децата да ги навикнеме на квалитетен театар, зашто тие ќе бидат нашата идна вечерна публика“, вели тој.
И додава „Во оваа тешка ситуација во која се наоѓаме би било арогантно сега да имам каква било друга желба освен конечно да се стави крај на короната, а ние да почнеме да играме претстави пред полни сали“.
Андријана Јовановска