Мехди Али, мигрантот кој помина девет години во хотелот Парк во Мелбурн, конечно е пуштен на слобода. Иранецот се најде во центарот на вниманието на јавноста кога во овој хотел, со одлука на австралиските власти, беше задржан српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ во јануари.
Али побегнал од Иран кога имал 15 години, но австралиските власти немале разбирање за неговата ситуација, па го држеле во злогласниот хотел девет години. Неговите апели за помош никој не ги слушна сè додека во хотелот не дојде Новак Ѓоковиќ.
Откако се врати од Мелбурн, Новак често јавно зборуваше за страдањата со кои се соочуваат приведените таму, а Али му бил многу благодарен за тоа.
„Новак, фала што јавно зборуваше за нас и се трудеше да им помогнеш на луѓето кои имаат проблеми“, рече Али.
За неговиот случај се заинтересираа бројни организации за човекови права и апелите за помош вродија со плод, а Али е конечно слободен.
„Вечерва сум слободен и заминувам од Австралија за да почнам нов живот во САД. Нема да бидам среќен додека моите пријатели не бидат ослободени од притвор. Ова не е слобода додека не сме сите слободни. Ви благодариме за поддршката“, Али кажа за австралиските медиуми откако го ослободија.