Принцезата Дијана трагично загина во сообраќајна несреќа во Париз на 31 август 1997 година. Повеќе од 27 години по нејзината смрт, возачот на принцезата, кој доби отказ пред кобната несреќа, го даде своето прво интервју, во кое зборуваше за она што оттогаш го прогонува.
Покрај тоа што беше нејзин личен возач, Стив Дејвис со текот на времето станал нејзин многу добар пријател. Таа вечер кога загина Дијана, тој не го управуваше возилото бидејќи, како што рече, добил отказ една година претходно, во март 1996 година.
„Тоа се случи преку ноќ. Од некој што ја возеше насекаде, до забрана за пристап до нејзиниот автомобил. По божиќните празници ми рекоа дека не сака да сум во близина на нејзиниот автомобил”, изјави тој за Daily Mail. „Продолжив да земам плата, но единственото нешто што можев да направам е да седам во гаража по десет часа на ден, колку што траеше мојата смена, без никаква работа, а потоа ќе си одев дома. Бев скршен, понижен. Таа ме игнорираше“, додаде тој.
Во тоа време, тој не знаеше дека е колатерална жртва на британскиот новинар Мартин Башир, кој ја наведе принцезата на најтешкото интервју во историјата на кралското семејство – нејзиното појавување во емисијата Панорама во ноември 1995 година.
Новинарот ја убедил Дијана дека сите се против неа
Имено, во септември истата година, на тајна средба со принцезата и нејзиниот брат Ерл Спенсер, Башир ја убедил Дијана дека нејзините пријатели и најблиски соработници се дел од заговор против неа. Конкретно, новинарот го нарече возачот Стив шпион на медиумите и ја предупреди принцезата дека нејзиниот автомобил го следат и е озвучен.
„Бев принуден да ја напуштам работата што сакав да ја работам до крајот на мојот живот. Работата за кралското семејство подразбира доверба, лојалност, дискреција и чувство на должност. Вашата репутација и вашето добро име значат сè. Башир ме лиши од тоа кога тој ги упати тие обвинувања пред Дијана, јас не бев човек кој троши време и енергија на незадоволство или лутина, но таа умре верувајќи дека сум ја изневерил и тоа е нешто што не можам да го заборавам или простам“, сподели Стив.
„Верувам дека Дијана ќе беше жива денес ако ја возев во Париз. Никогаш немаше да дозволам работите да се случат онака како што се случија таа вечер. Секогаш преземав дополнителни мерки на претпазливост кога стануваше збор за нејзината безбедност. Ја возев во различни ситуации и Секогаш обрнував внимание на секоја ситница“, рече тој и додаде дека секогаш инсистирал на врзување на појасот и внимателно ги проверувал сите услови пред да тргне со автомобилот.
Башир, кој ја измами принцезата Дијана на интервју, подоцна им се извини на нејзините синови, принцовите Вилијам и Хари, а во таа прилика истакна дека е неразумно неговите постапки да се поврзат со смртта на Дијана. „Никогаш не сакав да и наштетам на Дијана на кој било начин и не верувам дека направив“, рече Башир.