Дебора Џејмс, водителка на подкаст на Би-Би-Си, блогерка и поранешна учителка, почина на 40-годишна возраст по долгогодишна борба со тешка болест.
Веста за смртта на водителката ја објави нејзиното семејство на Инстаграм.
„Со голема тага објавуваме дека Дебора Џејмс, најубавата сопруга, ќерка, сестра и мајка, почина“, се вели во соопштението.
Дебора во емотивната објава во средината на мај рече дека престанала активно да го лекува ракот на дебелото црево кој бил во четврта фаза и дека е на палијативна нега. Дебора редовно објавуваше постови за текот на болеста на Инстаграм, пишуваше за борбата низ која минува. Болеста ѝ беше дијагностицирана во 2016 година, а во мај со следбениците на Инстаграм искрено призна дека нејзиното тело едноставно не може да продолжи да се бори, додавајќи дека никој не знае уште колку и останало.
Дебора со нејзиниот сопруг Себастиен Боуен имаат две деца, синот Хуго (14) и ќерката Елоис (12).