Вчера почина народниот уметник, фолклористот Димитар Узунски на 83 години, откако ја изгуби битката со болестите. Веста ја соопшти секретарот на здружението ,,Копачка”, Перса Стојановска.
„Со неизмерна тага и болка соопшуваме дека нашиот драг претседател Димитар Узунски, ја загуби битката со болестите и нè напушти засекогаш. Неговото заминување несомнено ќе биде само телесно, додека неговиот дух ќе остане вечно да живее во неговите дела кои ќе сведочат за неговиот живот во кој се даде себеси со несебично, крајно одговорно, со целосна посветеност во негувањето, трансмисијата и одржливоста на пијанечкиот фолклор а пред сè на орото „Копачката”, рече Стојановска.
Во 2014 година, по неговата заслуга „Копачката“ беше прогласена за национално културно наследство со особено значење од исклучителен интерес, а воедно и беше впишано во Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на човештвото на УНЕСКО.
Узунски е роден на 22.09.1938 година во село Тработивиште, општина Делчево. Завршил Педагошка академија група музичко воспитување во Скопје. Преку 50 години ја водеше Фолкорната Група „Копачка“ од с. Драмче, со која имаше бројни настапи во земјата и странство како пејач, организатор, инструменталист и играорец.
Кога го предаваше архивскиот материјал за негова национална и светска заштита во Министерството за култура, рече: „Ви го давам срцето”, додаде Стојановска.
Узунски како надворешен соработник на Институтот за фолклор до длабока старост се занимаваше со собирачка активност.
„За МТВ имаше учествувано во повеќе емисии, а за радио Скопје снимил 40 изворни пијанечки народни песни. За програмата на РТДелчево, за 12 години подготвил над 400 емисии, за серијата емисии „Од фолкорното богатство на нашето поднебје”. Објавил три монографии: „Разловци”; „Дедо Митко- ороводецот на Копачката” и „Копачката, чекор по чекор до УНЕСКО- мојот живот со Копачката”, додаде таа.
Меѓу наградите и признанијата кои Узунски ги има освоено: Награда за „Особено истакнат педагошки работник” во 1980; Гран при од ФИИП „Пеце Атанасовски” во 2011; Плакета за животно дело од Градоначалникот на општина Делчево, по повод „100-год град Делчево”; Државна награда за народен уметник „23-Октомври“ во 2014 год; „Најдобар културен работник на Источна Македонија”.
Од него се простија и остатокот од здружението.
„Нека ти е светол патот драг наш Претседателе, почивај во рајот, во мир. За секогаш ќе останеш во нашите срца на сите нас носителите на нематеријалното светско културно наследство орото „Копачката” и во знак на завет длабоко ти се поклонуваме и ти ја одаваме нашата последна почит“, исѕакнаа од ЗФГ ,,Копачка”.
Узунски беше погребан денеска во 10 часот на градските гробишта во село Тработивиште.