Почина писателот Драги Михајловски кој ги преведе сите дела на Шекспир на македонски јазик

Почина писателот Драги Михајловски кој ги преведе сите дела на Шекспир на македонски јазик

пред 3 години

Денеска на 71-годишна возраст почина професорот, писател и преведувач Драги Михајловски, после долго и тешко боледување, соопшти Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), чиј член беше од 1992 година.

Тој преведе 37 драми од познатиот писател Вилијам Шекспир, кој ги собра во една книга „Сите драми и сонети на Шекспир“, која содржи 1.653 страници. Покрај драмите, има и посебен предговор за секоја одделно и сите 154 сонети имаат соодветен предговор. Тој 30 години работеше на својот книжевен подвиг, кој успешно го заврши во 2013 година.

„Со своето творештво Михајловски ќе остане запаметен како еден од најавтентичните и најсугестивни раскажувачи во македонската современа литература; со преводите, како еден од најплодните, но и наједуцирани и најуспешни пренесувачи на книжевните вредности од англосаксонската јазична сфера на македонски јазик; а со својата универзитетска дејност, како еден од најпочитуваните и најсакани професори на универзитетот“, вели ДПМ.

Роден во Битола, Михајловски беше еден од најомилените и најпочитувани професори на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Покрај тоа што беше член на ДМП, членуваше и на П.Е.Н. на Македонија и на Писателската асоцијација за мир од Вашингтон, САД.

Меѓу неговите најпознати збирка раскази се „Речно улиште“ (1981), „Ѓон“ (1990), збирката новели и раскази „Глинениот човек“ (2014), „Раскази и споредбени коментари“ (2015), и уникатната комбинација на раскази и драми „Патот за рајот“ 2017). А покрај раскази, пишуваше и романи меѓу кои и „Пророкот од Дискантрија“, „Должници“,„Швајцарија на Балканите“, и „Бдеењето на Одисеј“. Има објавено и две книги за деца, „Волшебното котле и други бајки“, и „Сиромавиот и чучурлигата“, како и две студии од областа на преведувањето, „Нераспнати богови“ и „Под Вавилон: задачата на преведувачот“.

Неговите прозни дела се преведувани на англиски, германски, француски, руски, унгарски, српски, хрватски, словенечки, албански, турски, бугарски и други јазици.

Во 2018 година ја доби наградата „11 Октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста. А покрај тоа доби и „Рациновото признание“ (1994) за книгата раскази „Скок со стап“, и два пати на наградата „Стале Попов“ на ДПМ, за романот „Смртта на дијакот“ (2002) и за романот „Мојот Скендербеј“ (2006). Во 1996 ја доби наградата „Григор Прличев“ за препевот на епот „Загубениот рај“ од Милтон, како и во 2013 година за препевот на Сите драми и сонети од Шекспир.

Share
Scroll to Top