Почина Ферид Мурад, добитникот на Нобелова награда за медицина по потекло од Гостивар

Почина Ферид Мурад, добитникот на Нобелова награда за медицина по потекло од Гостивар

пред 1 година

Американскиот фармаколог и нобеловец Ферид Мурад со потекло од Македонија, почина во Калифорнија на 86 години. Нобеловата награда за медицина ја доби во 1998 година за неговите важни откритија на полето на кардиоваскуларна медицина.

Наградата ја добил со уште двајца научници Роберт Фечгот и Луис Игнаро за физиологија и медицина, за откривањето на улогата на азотен оксид како сигнална молекула во регулирањето на кардиоваскуларниот систем.

Роден во Вајтинг во американската сојузна држава Индијана во 1936 година. Неговиот татко бил доселеник од Гостивар, а мајка Американка. Има докторирано во Кливленд, а потоа предавал на медицинското училиште на Универзитетот на Вирџинија.

Долги години работи како универзитетски професор, а автор е на бројни трудови, авторски и коавторски пред се од областа на клиничката фармакологија. Од 1981 продолжил со своите истражувања на универзитетите во Стенфорд и Хјустон.

Во почетокот на 1970-ите почнал со своите пионерски истражувања за улогата на азот моноксидот во кардиоваскуларниот систем, откривајќи дека тој има клучна улога во опуштањето на крвните садови и во подобрувањето на протокот на крвта. Тоа доведе до развојот на нови лекови за срцеви болести и му ја донесе Нобеловата награда.

Нобеловецот со своето семејство во 2018-та година беше во посета на Гостивар. Во негова чест општата болница во Гостивар е именувана „Д-р Ферид Мурад“.

 

Share
Scroll to Top