Претставата „Едмонд“ според текстот на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски, денес премиерно ќе биде одиграна на големата сцена на Битолскиот народен театар. Се работи за петта по ред премиера за оваа година. Директорот Васко Мавровски вели дека во периодот септември 2024 / јуни 2025, е постигнат е апсолутен рекорд на премиерно изведени претстави, 12, а следи и премиерата на “Рибарски караници” која ќе се одигра на 25.07.
„Во овој период одиграни се 129 претстави, или на секои 2.5 дена се изведувала по една претстава. Во салите на НТБ, не посетиле 25.141 гледач, или во просек сме имале по 194 гледачи по претстава“, рече директорот Мавровски.
„ Јас сум радосен што работам овде, бидејќи не сум работел во земјава од 2011, и е убаво да се работи на својот јазик. Ние имавме многу убави осум недели работа и веруваме дека завршивме одлична работа. Беше задоволство да се работи со талентираниот ансамбл на Народен Театар Битола, предводен од Огнен Дранговски, еден од најдобрите актери во Македонија и Балканот. Верувам дека ЕДМОНД ќе стане значајна точка во несомнено богатата историја на Народен Театар Битола“, рече режисерот Оливер Мицевски.
Претставата го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто Едмонд го отвора е прашањето на слободата. Што е слободата всушност? Дали потрагата по слобода прави всушност, незабележително да станеме робови на својата (потрага по) слобода. Дали откажувањето / лимитирањето на своите желби го олеснува патот кон слободата? Не случајно, мотото на Едмонд е : “Внимавај што посакуваш.”
Покрај Дранговски во претставата играат Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.