Холивудската актерка Кејт Босворт (38) објави на социјалните мрежи дека ќе се разведе од својот сопруг, режисерот Мајкл Полиш (50), по осум години брак.
Таа сподели црно-бела фотографија на која се бакнува со него.
„Сите се плашиме од крајот. Што ако одлучиме да не се плашиме, туку да сакаме. Нашите срца се полни затоа што никогаш не сме биле толку за вљубени и толку длабоко благодарни еден за друг, како што сме во оваа одлука да се разделиме. Заедно, во последните десет години, Мајкл и јас избиравме љубов секој пат. Денес се држиме за раце додека ги заплеткуваме прстите, исто како на денот на венчавката. Нашите очи гледаат подлабоко еден во друг, сега со повеќе храброст. Си признавме дека нашата љубов никогаш нема да заврши. Љубовта се продлабочува, срцето се шири“, напиша таа и додаде дека и покрај разделбата, таа и Мајкл продолжуваат да соработуваат.
„Се смееме додека го планираме заедно нашиот следен филм и возбудени сме што ќе можеме да ја споделиме нашата најнова соработка. Веруваме дека најепските љубовни приказни се оние што ги надминуваат очекувањата. Наша најголема чест беше тоа што ја доживеавме оваа љубов и ќе продолжиме да ѝ се восхитуваме на убавината на еволуцијата на љубовта. Ова е љубов“, заклучи таа.
Актерката, позната по улогите во филмовите „Враќањето на Супермен“ и „21“, во август 2012 година се омажи за режисерот Полиш.