ФБИ синоќа упадна во домот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Американските медиуми известуваат дека агентите од Федералното истражно биро му провалиле во сефот ѝ му заплениле документи кои Трамп најверојатно ги однел од Белата куќа.
Неговата адвокатка Кристина Боб рече дека дел од документацијата била запленета и дека оваа истрага против нејзиниот клиент следи додека тој ја подготвува кандидатурата за следните претседателски избори во САД кои ќе се случат во 2024 година.
И Трамп потврди дека додека тој бил во Њујорк, голема група на агенти го окупирала неговиот имот во Мар-а-Лаго на Флорида, пренесе „Си-Би-Ес њуз“.
„Ова се мрачни времиња за нашата нација. Соработував со сите релевантни владини агенции, па затоа ненајавениот упад во мојот дом беше непотребен и несоодветен. Ова вооружување на правосудниот систем има за цел да ме спречи повторно да се кандидирам за претседател. Ваков напад би можел да се случи само во скршени земји од трет свет. За жал, Америка стана една од тие држави“, рече Трамп.
Во февруари, Националниот архив на САД побара од министерството за правда да го истражи Трамп за неговото ракување со службени документи, при што официјални лица кажаа дека тој незаконски искинал некои документи.
„Од Мар-а-Лаго се однесени неколку кутии, но не е вистина дека била скршена врата“, кажа извор од истрагата.