Филмот „Сестри” во режија на Дина Дума, а во продукција на Лист Продукција, ја освои специјалната награда од жирито (East of the West Special Jury Prize) на церемонијата за затворање на 55-то изадние на престижниот филмски фестивал во Карлови Вари, Чешка, која се одржа синоќа.
Интернационалното жири на програмата East of the West (Источно од Западот) во состав Алиса Гелзе од Латвија, Атанас Георгиев од Северна Македонија, Михал Хогенауер од Чешка, Тониа Мишиали од Кипар и Ариел Швеицер од Израел ги избира добитниците на единствените 2 награди во ова селекција, и тоа: East of the West Grand Prix со дополнитела сума од 15.000 долари за најдобриот филм и East of the West Special Jury Prize со дополнитела сума од 10.000 долари. И кај двете награди финансискиот дел од наградата е подеднако поделен помеѓу режисерот и продуцентот на наградениот филм.
Фестивалот се одржа од 20 до 28 август, а филмот беше дел од компетитивната официјална програма East of the West (Источно од Западот), селекеција наменета за автори на прв и втор долгометражен филм од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот Исток и Северна Африка.
Филмскиот фестивал во Карлови Вари е најголемиот фестивал во Република Чешка и најпрестижен во Централна и Источна Европа. Тој е еден од најстарите филмски фестивали од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Верлин, Венеција, Локарно, Сан Себастијан.
„Сестри” е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.
Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев – Новоградска.
„Сестри” е поддржан од Агенцијата за филм на Р. Северна Македонија, и е регионална копродукција помеѓу Северна Македонија, Црна Гора и Косово.