Аргентинскиот тенисер Хуан Мартин дел Потро ќе настапи на турнирот во Буенос Аирес, е за да го направи долгоочекувано враќање на тениските терени, туку за да се збогува од спортот. Ова ќе биде прв негов тениски настап по три години.
Од поранешниот шампион на Ју-Ес опен се очекуваше да биде еден од најголемите тенисери на сите времиња и вистинска конкуренција на Роџер Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ. Аргентинецот поседуваше талент и знаење, но неговото тело не беше подготвено за напорот што го носи тенисот. Најпрво имаше хронични повреди на зглобот на раката и неколку операции, а потоа почнаа проблемите и со коленото.
Дел Потро последен пат играше на турнир во Велика Британија во 2019 година. Тој три неколку години е надвор од теренот, но реши да се врати на кратко и на турнир во својата татковина вистински да се збогува со тенисот.
„Знам дека луѓето очекуваат да се вратам на тенисот, но ова можеби повеќе е збогување отколку кам-бек. Имам сила да продолжам понатаму, но моето колено ми претставува кошмар. Се обидувам со алтернативни третмани со години, со различни доктори во обид да го средам. Но, сè уште немам пронајдено решение. Никогаш не можев ниту да помислам да се повлечам од тенисот без да имам шанса да се збогувам на терен и не можам да замислам подобар турнир од Буенос Аирес. По овие неколку недели ќе видиме што ќе биде со мојата иднина, но би сакал да живеам како обичен 33-годишник без да трпам секојдневни болки,“ рече тој на прес конференцијата.
Хуан Мартин во моментов е на 757 место на АТП листата. Најдобар пласман му беше 3 место во 2018 година.