Поп-пејачот Јоце Панов од неодамна предава музичко во познатата скопска гимназија „Јосип Броз Тито“. Возбуден е пред новиот предизвик, особено што од септември часовите на учениците ќе им ги држи во училница, а не онлајн како лани.
Во разговорот за „Репортер“ ни откри дека ова му е прво вработување надвор од музиката и дека со нетрпение чека да види што ќе му донесе во иднина.
„Почнав да работам како професор по музичка уметност годинава во март. Не знаев што да правам во време на корона дома, полудев, па се вработив“, вели Јоце на шега и ни кажа дека првите три месеци часовите ги држел онлајн.
„Ова е нешто ново за мене, иако сум давал часови на многу деца претходно. Уште не знам како изгледа да се држат часови ви живо, но очекувам убава енергија“, рече Јоце.
Од една страна се учениците, а од другата професорите кои ќе му бидат колеги и со кои пејачот допрва ќе се запознава.
„Односот за сега е супер. Не се познаваме доволно бидејќи наставата беше преку интернет, но еве, веќе неколку дена одам на работа во училиштето и првиот впечаток ми е дека ќе биде одлично. Има време, ќе се запознаеме“, ни кажа Јоце.
Но, пред да почне со работните обврски во скопската гимназија, Јоце летото го помина работно. Освен што имаше голем број свирки сам, тој минатиот викенд пееше дискотеката „Егоист“ во Охрид, и ја загреваше публиката пред настапот на Цеца.
„Концертот со Цеца беше само еден од низата големи настани што се случија летово. Имав заеднички настапи со многу колеги од Србија, со Лукас, Карлеуша, Саша Матиќ, но имав и многу мои настапи што поминаа одлично. Со многу од пејачите се познаваме години наназад, сум имал заеднички настапи низ годините, заеднички моменти, дружби, па можам да кажам дека ми е супер односот со сите колеги од Србија, Хрватска или Босна“, вели тој.
Во разговорот ни откри и дека по подолго време подготвува нова песна, повторно и на македонски и на српски јазик.
„Песната ‘Никоме не причам о нама’ или ‘Нема да кажам за нас’ е скоро готова. Работам на аранжманот и мислам дека на есен ќе биде готова“, рече Панов.
Андријана Јовановска