Ѓоковиќ испратил посебна порака за Петар од Скопје кој боледува од аутизам, татко му вели дека секогаш кога ја гледаат снимката, му се враќа насмевката

Ѓоковиќ испратил посебна порака за Петар од Скопје кој боледува од аутизам, татко му вели дека секогаш кога ја гледаат снимката, му се враќа насмевката

пред 4 години

Петнаесетгодишниот Петар Мијалков е момче од Скопје кое боледува од аутизам. Неговиот татко Зоран, вели дека уште од раѓање тој не успеал да воспостави контакт со околината. Но и покрај тоа што е аутистичен, Петар секогаш реагира позитивно на сликите од тенисерот Новак Ѓоковиќ.

Зоран вели дека син му секогаш се смее кога ќе го види. Ќе ја допре сликата или екранот на телевизорот. Кога Ѓоковиќ слушнал за Петар, му испратил специјално видео со порака. Му ветил и дека ќе го чека за да го запознаат.

„Чао Петре, Пецо. Чао Пецо, како си? Еве ти испраќам еден голем поздрав, еден голем бакнеж и прегратка од Белград и се надевам дека наскоро ќе можеме да се запознаеме и да се видиме во живо. Те бакнувам и прегрнувам силно“, му порачал Ѓоковиќ на Петар во видеото.

 

Татко му на Петар, Зоран вели дека меѓу нив двајца постои некаква енергија и дека снимката ја гледаат и по неколку пати во денот.

„Најверојатно чувствува некаква енергија. Почна да ја гледа со мене заедно. Ја гледаме по неколку пати во денот. Потоа почнавме да гледаме и тенис. Знае да го препознае Ѓоковиќ. Пред четири години, кога поминувавме покрај една кладилница, на која имаше постер од тенисерот тој ја виде неговата слика и го препозна. Постерот во меѓувреме е тргнат, но дедо му успеа да му набави нов, поголем постер. Го закачивме на вратата во неговата соба и секогаш се смее кога ќе влезе во собата“, вели Зоран.

Тој објаснува дека секојдневните прошетки им се терапија. Секој ден по двапати излегуваат надвор и секогаш кога ќе поминеле покрај кладилницата на која бил закачен постерот на Ѓоковиќ. Петар ќе застанел, ќе се насмеел и ќе го погалел.

Покрај Петар, Зоран има уште еден син, Никола кој исто така боелдува од аутизам. Тој вели дека ретки се моментите кога може да си ги види децата како се среќни и насмеани и затоа си го дозволува тој луксуз и тој со солзи во очите да заплаче од среќа кога ќе ги види насмеани.

Вели дека ретко кој зборува со Петар и му обрнува внимание. Го посетуваат само неговите пријатели и роднини, но најубаво им е кога ја гледаат снимката која ја добил од Новак Ѓоковиќ, која тенисерот специјано ја испратил за Петар.

„Ѓоковиќ ги радува. Секогаш кога ќе го видиме, ни го разубавува денот. Има ли нешто поубаво за еден родител да го гледа своето дете како искрено се радува. Петар секогаш се смее кога ќе влезе во неговата соба, затоа што на вратата има постер од него“, вели Зоран.

Тој објаснува дека децата со аутизам имаат посебна перцепција. Петар ги сака сите луѓе, но некои ги сака повеќе.

„Ѓоковиќ е наш. Целиот Балкан навива за него. Знам дека тој е супер, но ние сме обични луѓе“, вели Зоран.

Зоран сака да собере пари за да може да ги однесе синовите да го видат лично Ѓоковиќ, но само тоа мора да биде на некој турнир во близина, кој нема да чини премногу.

„На Петар не му е важно што е Ноле најдобар. Не му е важно што е светски шампион. Тој ужива да го гледа и кога Ѓоковиќ не игра добро. А, покрај него и неговиот постар брат Никола го засака“, вели Зоран.

Тој објаснува дека прво нешто што сакаат да го гледаат неговите синови на телевизија, по цртаните ликови е Ѓоковиќ..

Зоран е основач на Друштвото за помош на деца со аутизам. Тој има план да ги собере на едно место сите родители на деца заболени од аутизам од Балканот. Вели дека сите тука мислат дека се некакви непријатели, дека не се сакаат, но тоа е далку од вистината.

Поради пандемијата, Зоран морал да оди во полиција за да побара дозвола, за да ги изнесе Петар и Никола на прошетка, затоа што за нив, тоа била терапијата. Вели дека добиле нова терапија од која по малку ги прави депресивни, па прошетката и тоа како им помага.

„Се бориме, тоа ни е секојдневна борба, а ова е еден од ретките среќни моменти во мојот живот“, вели Зоран.

 

Share
Scroll to Top