Уставниот суд повторно донесе времена мерка за укинување на мораториумот за градба во Општина Центар, по иницијатива на двајца граѓани од Охрид. Ова значи, сега веќе не важи забраната за градба и важат старите планови, а инвеститорите може да бараат дозвола за градба.
Од Општина Центар велат дека по поднесената иницијатива до Уставниот суд, дале навремен и соодветен одговор со кој ја оспориле истата како неоснована.
„ Цениме дека деталните урбанистички планови мора да бидат усогласени со генералниот урбанистички план како план од повисок ранг. Одлуката што Општина центар ја има донесено на 27 март 2019 година не е во спротивност на важечките прописи и таа има за цел да го заштити јавниот интерес кој е примарен за сите жители, а е загарантирано согласно Уставот“, напиша на Фејсбук градоначалникот Саша Богдановиќ.
„Просторното и урбанистичко планирање е еден долготраен и плански процес кој опфаќа низа дејствија кои сами по себе си се надополнуваат и си противречат во смисла на размена на идеи и плански реализации. Тоа има за цел да обезбеди и заштити сè она што претставува хуман и нормален човечки развој на одреден простор, почитувајќи го јавниот интерес како примарен“, велат од општина Центар.
Од Уставниот суд пак велат дека била поведена постапка, бидејќи постоеле сомненија дека забраната за градба е донесена во спротивност со Уставот.