Дакар 2021: Ал-Атијах и Брабек најбрзи на прологот

Дакар 2021: Ал-Атијах и Брабек најбрзи на прологот

пред 4 години

Поранешниот шампион, Насер Ал-Атијах со својата Тојота беше најбрз на прологот на Дакар 2021, легендарната рели трка која денеска стартуваше во Саудиска Арабија, додека Американецот Рики Брабек ја започна одбраната на титулата кај мотоциклите со победа.

Трикратниот шампион од Дакар, Катарецот Ал-Атијах беше најбрз на 11-те мерени километри со кои се одредуваше стартниот поредок на утрешната прва етапа, поминувајќи ги за 5:48, пред Јужноафриканецот Брајан Барагванат (ЦР6 Баги), кој имаше идентично време, по што следуваа тројца возачи на Тојота, Јазид Ал-Рахџи, Јакоб Пжигонски и Бернхард Тен Бринке. Рели ВРЦ легендата, Себастиен Леб, беше на 10. место со тимот на Бахреин Рејд.

Стефан Петерхансел и Карлос Саинс, двајцата возачи кои доминираа лани со Х-Рејд Мини, немаа најдобар успех – Јужноафриканецот беше 14., а Шпанецот само 24. Победникот на 24 Часа Ле Ман, Роман Дума имаше лош ден и беше последен на 63. место.

Асот на Хонда, Брабек, кој лани ја прекина 18-годишната победничка серија на мотоциклите на КТМ, беше најбрз со 6:01, за шест секунди пред ветеранот Жоан Бареда, кој пред стартот најави дека ова му е последна трка на две тркала. Дебитантот Даниел Сандерс беше на третото место како најдобар возач на КТМ со 11 секунди послабо време.

Share
Scroll to Top