Германската канцеларка Ангела Меркел наводно размислува за воведување на досега најстрогo заклучување во земјата, пишува „Билд“.
Ваквата блокада би значела целосно затворање на државата.
Денеска во Германија е забележан рекорден број на смртни случаи од корона. Имено, починаа 1.244 лица, а вкупниот број на смртни случаи од почетокот на пандемијата се искачи на 43.881.
Претходно, земјата забележа најголем број смртни случаи на 8 јануари, кога починаа 1.188 заразени пациенти.
Според институтот „Роберт Кох“, бројот на заразени на дневна основа е зголемен за 25.164 нови случаи, а вкупниот број на досега заразени е 1.978.590 лица.
Во меѓувреме, училиштата, продавниците што не продаваат основни намирници, баровите, рестораните и објектите за забава и култура се затворени, со мерки што постепено се интензивираат од нивното воведување на почетокот на ноември.
Мерките, кои исто така предвидуваат дека едно домаќинство може да го посетува само едно лице надвор од тој круг, треба да останат во сила најмалку до крајот на јануари.
Канцеларката Ангела Меркел и другите членови на владата веќе предупредија дека мерките може да продолжат и по јануари.
Се очекува германската канцеларка да разговара за следните чекори во борбата против пандемијата на 25 јануари, на состанокот со премиерите на 16 сојузни покраини.