Владата нѐ однесе во банкрот, секое четиричлено семејство за само една година е задолжено за 2.400 евра плус камати, обвини Гордана Димитриеска – Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е помината ни една година од првото затворање на економијата и прогласување на пандемијата, а Македонија е задолжена за над 1 милијарда и 150 милиони евра нов нето долг. Или едно четиричлено семејство има нов долг само за една година од околу 2,400 евра плус камати. Повторувам 2,400 евра плус камати ќе врати едно четиричлено семејство за една година. Секој може да пресмета и да процени колку доби во изминатава година, а колку ќе треба да враќа. Затоа што треба да ни е јасно на сите дека тој долг е наш, на сите нас, но и на нашите поколенија и сите заедно ќе го враќаме“, рече таа.
Дека народот е исплашен, додаде Димитриеска – Кочоска, дека нема пари, дека нема доверба во оваа Влада за подобро утре покажуваат и податоците од Државниот завод за статистика за БДП за 2020 година кои беа објавени пред некој ден.
„Приватната потрошувачка во 2020 година е намалена за 5,6% на годишно ниво, а само во последното тримесечје на годината за 4,3%. Уште повеќе загрижува податокот за бруто инвестициите, кои во 2020 година се намалени за 10,2% во однос на 2019 година, а само во последниот квартал од 2020 година за 13%. Ова јасно покажува дека оваа Влада немаше никакви капитални инвестиции, а приватниот сектор беше значајно погоден од кризата, без изгледи да влезе во инвестиции. Напоменувам, падот на бруто инвестициите во 2020 година е повисок од оној кога го имавме за време на воен конфликт во 2001 година, кога беше 6,1%“, рече таа.