Драгиша Биниќ членот на најславната генерација на Црвена звезда, која во сезоната 1990/91, ја освои титулата во Купот на европските шампиони, во интервју за „Мондо“, открил интересни детали од тој период.
Биниќ, во таа генерација на Црвена звезда, му беше партнер во нападот на Дарко Панчев. За Панчев рекол дека бил гол-мајстор, а во исто време и себичен играч.
„Панчев само еднаш ми намести гол, против Гарсхоперс в Белград…и никогаш повеќе“, рекол Биниќ и дополнил.
„Велат дека имавме тежок пат до Бари, а сите забораваат дека во тој циклус Глазгов Ренџерс беше еден од најсилните во Европа. Тврдам дека Шкотланѓаните беа посилни од Баерн и Марсеј, според квалитетот тие требаа да играат против нас во финалето. Таат сезона Англичаните беа под суспензија и пола од англиската репрезентација играше за Ренџерс. Што сакам да кажам, лесно ги добивме во првиот меч со 3:0, а тој натпревар сите бргу го заборавија. Игравме фантастично, лесно ги дадовме головите…еден во три потега…се вратив за нивниот корнер, ја избив топката…Панчев ја прифати на нашата половина, јас во полн спринт чекам да ме спои со голот…а тој како и секогаш ми ја дава топката на страна, за да мора последното додавање да оди кон него…секогаш беше така“, рекол Биниќ.
„Панчев е голгетериште, никој не знаеше да постигне гол како што знаеше тој. Да се наместиме петмина пред голот, тој ќе дојде и топката ќе падне кај него. Таков играч повеќе нема да се роди“, заклучил Биниќ.