Македонската фудбалска репрезентација, квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство во Катар, ќе го започне со натпреварот против Романија. Избраниците на Игор Ангеловски, на 25.март, ќе гостуваат во Букурешт. Во Ј-групата, покрај Македонија и Романија се натпреваруваат и фаворитот Германија, односно Исланд, Ерменија и Лихтенштајн.
Романците, на девет дена до натпреварот, се соочуваат со сериозен проблем. Селекторот на националниот тим, Мирел Радои, бил позитивен на коронавирусот.
Радои објави дека се чувствувал добро, ќе биде повторно тестиран и се надева дека станува збор за грешка.
Од превентивни причини Фудбалскиот сојуз на Романија ја одложи закажаната прес-конференција.
По мечот со Македонија, Романија на 28.март ќе ја пречека Германија, а на 31.март ќе гостува во Ерменија.