Претседателот, Стево Пендаровски беше во општина Штип каде што го посети вакциналниот пункт и Модуларната болница за ковид-пациенти.
Во вакциналниот пункт во просториите на Здравствениот дом „Панче Караѓазов“, претседателот Пендаровски беше информиран за текот на процесот на вакцинација на граѓаните, која во моментот се врши на лица над 77 години, согласно државната стратегија за вакцинација.
Пендаровски се запозна со условите на овој вакцинален пункт кој има 4 позиции за вакцинација на кои се имунизираат по 40 граѓани на ден, а е предвидено во оваа фаза да се вакцинираат 400 лица со вакцината на Астра Зенека. Во процесот на вакцинација на граѓаните на овој вакцинален пункт помагаат и волонтерите на Црвен крст од Штип.
Претседателот порача дека сите ние треба да покажеме максимална одговорност и совест за да се заштитиме себе, најблиските и ранливите групи.
„Она што го баравме и што започна вчера мора да продолжи во континуитет. Ги повикувам граѓаните да се вакцинираат во што поголем број, да не се плашат, да не подлегнуваат на лажни вести, да не веруваат во разно-разни измислици. Како и насекаде во светот, масовната имунизација е единствен начин да се справиме со корона вирусот и да ја надминеме пандемијата на Ковид-19“, порача Пендаровски.
За време на посетата, претседателот Пендаровски ја посети и Модуларната болница за ковид пациенти во Штип и оствари средба со директорот на Клиничката болница во Штип, која има капацитет од 100 кревети и 47 кревети во модуларната болница, додека здравствениот персонал брои околу 200 лица. Претседателот беше информиран за моменталната состојба со заболени во оваа општина, како и за грижата и пружањето на здравствена заштита на граѓаните, при што изрази благодарност за целосната посветеност и максимален ангажман на здравствените работници и им оддаде признание за пожртвуваноста и професионалноста.
Претседателот Пендаровски оствари средба со надлежните од општинскиот кризен штаб за заштита и спасување при општина Штип на која разговараа за мерките за превенција и заштита на здравјето на граѓаните.