Работата на Собранието да се деблокира на секое ниво, порача Џафери на вонредна координативна средба

пред 4 години

Вонредна координативна средба поради блокадите во Собранието се одржа попладнево на иницијатива на претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, а присуствуваа координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и претставникот на политичката партија Левица.

Средбата беше свикана во насока на деблокирање на целокупната работа на Собранието, вклучително и работата на работните тела, со оглед на тоа што работата на дел од матичните работи тела е закочена повеќе од 5 месеци.

Заклучокот од Координативната средба е дека утре Собранието продолжува со работа по 32 седница, додека за натамошната динамика на работа, ќе се координираат дополнително.

Од Собранието соопштија дека за време на состанокот, координаторите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го известиле Џафери за кои точки е постигната согласност за деблокирање, додека тој смета оти не смее да има приоретизирање на одредени точки затоа што лидерите на политичките партии се договориле за тоа надвор од Собранието.

„Работата на Собранието треба да се деблокира на секое ниво и сите политички партии треба да ја напуштат праксата на заложништво на процесот на усвојување закони, немање кворум заради оправдани здравствени причини на пратеници поврзани со Ковид– 19 пандемијата, или поднесување на огромен број амандмани по еден закон, оптоварувајќи ја и службата на Собранието, а не само законодавниот процес“, рекол Џафери на средбата.

Тој е дециден дека праксата на условување не оди во прилог никому.

 

Share
Scroll to Top