Индонезиска подморница со 53 морнари исчезна кај Бали

пред 3 години

Индонезиската воена морнарица трага по исчезната подморница со 53 члена на екипажот и бара помош од соседна Австралија и Сингапур, изјави командантот на вооружените сили Хади Тјахјанто.

Подморницата КРИ „Нангака-402“ од германско производство спроведувала вежба за торпедо во водите северно од Бали, но не известила за резултатите, изјави портпаролот на воената морнарица.

„Во водите на Бали, на 96 километри од тој остров, бараме 53 исчезнати“, рече Тјахјанто.

Според него, контактот со подморницата бил изгубен во средата во 4:30 часот. Тој исто така потврди дека неговата земја побарала помош од Австралија и Сингапур во потрага по бродот и членовите на екипажот.

Претставниците на министерствата за одбрана на Австралија и Сингапур сè уште не ги коментираа наводите за инцидентот.

Подморницата од 1.395 тони е изградена во Германија во 1987 година. Во меѓувреме, таа била на двегодишен ремонт во Јужна Кореја и повторно се приклучила кон флотата во 2012 година.

Индонезија претходно имаше флота од 12 подморници купени од поранешниот Советски Сојуз, која беше заменета со пет пловни објекти.

Две подморници се од германско производство тип 209, а три подморници се понови јужнокорејски пловни објекти.

Share
Scroll to Top