Повеќе граѓани во Хрватска на ревакцинација примија различни вакцини против коронавирус, изјави денеска директорот на Институтот за јавно здравје, Крунослав Чапак.
Чапак призна дека во тие случаи се случила грешка. Правилото е дека вакцините што се даваат во две дози се добиваат од ист производител.
„Ваквите грешки се пријавени како несакани ефекти на ХАЛМЕД и колку што знам, имало шест такви случаи. Тие луѓе немаа никакви компликации“, рече Чапак.
Тој додаде дека можноста за комбинација на различни вакцини сега се испитува во светот и во Европската Унија, а претпоставката на имунолозите е, вели тој, дека таквиот начин на имунизација дури и ќе даде одредена предност во создавањето на имунолошки одговор.
Сепак, за тоа сè уште нема потврда, бидејќи истражувањето е во тек, рече Чапак на прес-конференцијата.
На инсистирање на новинарите да кажат зошто тие луѓе ја добиле втората доза од различен производител, Чапак кратко рече дека се случила грешка, пренесоа хрватските медиуми.