Во седиштето на американската централна разузнавачка агенција (ЦИА) во Вирџинија, бил отворен оган врз вооружен напаѓач кој се појавил на платото пред главниот влез на агенцијата.
Во соопштението на ФБИ се наведува дека осомничениот излегол од својот автомобил, вооружен околу 18 часот, поради што агентите на ФБИ отвориле оган и го раниле, пренесува АП.
Напаѓачот, кој досега не бил идентификуван, бил повреден и однесен во локалната болница, а за неговата состојба се уште нема информации.
„Го анализираме овој инцидент и ќе се обидеме да донесеме конкретни заклучоци што е можно поскоро “, се вели во соопштението на ФБИ.
Како што пренесуваат медиумите агентите на ФБИ пукале кон возачот.
„ФБИ истражува пукање кон агент што се случи во понеделник, 3 мај, околу 18 часот по локално време. Едно лице вклучено во инцидентот пред седиштето на ЦИА излезе од автомобил со оружје и започна пресметка со службеници за спроведување на законот“, се потенцира во соопштението.
Ен-Би-Си објави дека членовите на ЦИА се обиделе да преговараат со напаѓачот, но тој одбил да го напушти комплексот, по што полицајците се обиделе физички да го отстранат автомобилот од портата. Возачот потоа излегол од автомобилот, држејќи огнено оружје и тврдејќи дека има експлозив со себе.
Извори за Ен-Би-Си изјавија дека постои можност напаѓачот да имал проблеми со менталното здравје и дека претходно се обидел да влезе во комплексот на седиштето на ЦИА.