Општината Струмица оваа година ќе биде организатор на манифестацијата „Град на културата“, одлучи комисијата по распишаниот Конкурс на Министерството за култура.
На Конкурсот биле пријавени општините Струмица, Тетово, Кавадарци, Велес и Дебар.
По разгледувањето на петте пристигнати апликации, согласно приоритетите, критериумите и мерилата содржани во конкурсот, стручната комисија составена од вработени во Министерството за култура оцени дека сите пријави имаат солидно конципирана програмска содржина и внимателно дефиниран буџет и предложи, со богатата и разновидна програма и со буџетот проектиран со висок процент на самофинансирање, Струмица да биде општинaта која оваа година ќе биде организатор на оваа значајна манифестација.
По тој повод денеска министерката за култура Ирена Стефоска заедно со градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски потпишаа договор за финансирање на манифестацијата „Град на културата“.
„Општина Струмица во доставената апликација нуди квалитетна и богата културна програма, со содржини од сите дејности на културата. Сите настани кои ќе бидат дел од оваа манифестација се внимателно конципирани да го задоволат вкусот на сите посетители, од сите возрасти. Граѓаните на Струмица и сите љубители на културата и уметноста ќе можат да проследат бројни активности од различни жанрови и со различна естетика, проекти преку кои се негува и традиционалното, но и современото творештво, а предвидено е учество на релевантни домашни и странски уметници. Општина Струмица ќе стави во функција бројни инфраструктурни и човечки капацитети со што ќе овозможи богата културна содржина во текот на целата година“, посочуваат од министерството за култура.
Од таму појаснуваат дека како особено важен сегмент во изборот на општина Струмица е посочен и фактот што од вкупниот предвиден буџет за реализација на програмата во висина од 15 милиони и 150 илјади денари, од Министерството за култура е побарано само 2 милиони и деветстотини и седумдесет илјади денари што претставува 19.6 проценти од вкупно предвидениот буџет. Со тоа, од страна на општина Струмица ќе бидат покриени останатите финаниски средства во висина од 80.4 проценти, со што во споредба со преостанатите поднесени пријави, општина Струмица ќе учествува со најголем процент со сопствени финаниски средства за реализација на програмата, велат од оваа институција.
Во изработката на апликацијата биле вклучени сите установи од областа на културата во Струмица:Завод и музеј Струмица, Центарот за култура „Антон Панов“, библиотеката „Благоја Јанков Мучето“, во координација со општината.
Министерката Стефоска посочи дека да се биде носител на манифестацијата „Град на културата“ е навистина голема привилегија но, и одговорност. Таа изрази задоволство што сите пристигнати апликации покажале сериозна посветеност во изработката на програмите, но и одговорност и реални проценки во буџетските барања за финсирање на проектите. Посака успешна реализација на сите зацртани активности со што годинава драстично ќе биде зголемена културната понуда во Струмица. Беше посочено дека планираните активности од Програмата ќе се реализираат во согласност со донесените Одлуки за мерки за спречување на внесување и ширење на Ковид-19, во кои се содржани Протоколите за работа на установите од областа на културата и другите правни и физички лица од областа на културата.
Манифестацијата „Град на културата“ иницирана од Министерството за култура, прифатена и поддржана од општините во државата започна да се реализира во 2004 година и од тогаш континуирано, општините учествуваат во културниот натпревар на идеи преточен со презентација на бројни јавни настани.