Сензационалниот напаѓач на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд вели дека ќе ги почитува желбите на својот клуб и дека нема да бара трансфер ова лето и покрај најавите на неговиот агент Мино Рајола.
Повеќе големи европски клубови го посакуваат потписот на 20-годишниот Норвежанец, и досега интерес покажаа Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Барселона и Реал Мадрид, но тој има договор со Борусија до крајот на сезоната 2023/24 и откако успеаја да влезат во Лигата на шампионите тешко дека ќе замине ова лето.
„Борусија Дортмунд велат дека јас останувам 100 отсто ова лето. Имам договор на уште неколку години и ќе го почитувам. Влеговме во Лигата на шампионите што беше многу важно за мене и имам големи соништа. Го освоив мојот прв голем трофеј во купот и чувството беше фантастично, така што сакам уште трофеи“, изјави Халанд.
Дортмунд постојано тврдат дека нема да му дозволат на Халанд да направи трансфер ова лето откако тој постигна 41 голови во сите натпреварувања оваа сезона. За другите негови соиграчи, иднината не е толку сигурна – Дортмунд потврди дека Џејдон Санчо ќе може да замине ова лето ако се остварат „одредени услови“.