На заедничката цел за отстранување на Бенјамин Нетанјаху од позицијата на најдолговечен израелски премиер, во средата се приклучи и Мансур Абас. Неговата мала исламистичка партија им дозволи на еврејските партии минимално мнозинство во Кнесетот.
Така, „Раам“ стана првата партија на арапското малцинство во Израел, кое сочинува 21 процент од населението, која ќе ја поддржува израелската влада. Владата допрва треба да биде потврдена во парламентот, пренесува „Ројтерс“.
Абас на тој начин ги остави настрана несогласувањата со потенцијалниот иден премиер Нафтали Бенет, поранешен шеф на Организацијата за еврејско населување и поддржувач на анексијата на поголем дел од окупираниот Западен брег, територии што Палестинците ги сакаат за нивната идна држава.
Стоматолог по професија, 47-годишниот Абас рече дека се надева дека ќе ги подобри условите за живот на арапските жители на Израел, кои се жалат на дискриминација и занемарување од страна на властите.
„Одлучивме да се приклучиме на владата за да ја промениме рамнотежата на политичките сили во земјата“, им рече тој на своите приврзаници по потпишувањето на договорот за коалиција со Бенет и опозицискиот лидер Јаир Лапид, кој по две години ќе ја преземе премиерската функција.
Партијата на Абас соопшти дека договорот вклучува повеќе од 16 милијарди американски долари за подобрување на инфраструктурата и борбата против криминалот во градовите со мнозинско арапско население.
Договорот вклучува и запирање на уништувањето на домовите изградени без дозволи во арапските села и доделување официјален статус на бедуинските градови во пустината Негев, упориште на исламистите.
„Зборувам јасно и искрено: бидејќи формирањето на оваа влада се заснова на нашата поддршка, ќе можеме да влијаеме на неа и да постигнеме големи работи за нашето арапско општество“, рече Абас, кого дел од арапското население го обвинува за предавство поради поддршката на анти-палестински политичари.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, ги повика сите членови на парламентот избрани со десничарски гласови да се спротивстават на новата коалиција, чие формирање беше објавено доцна синоќа од мандатарот Јаир Лапид, лидерот на партијата на центарот Јеш Атид (Има иднина). Тој ја нарече новата влада опасна и левичарска.